Историја

Витаминка во своето 60 годишно постоење го создаде најголемиот свет на вкусови во Македонија и претставува составен дел од животите на неколку генерации, полни со спомени и бесценети моменти.
 
Успешната приказна на Витаминка започна пред 60 години. Во 1956 година во Прилеп е основана како компанија за црвен мелен пипер. Производство на само еден производен асортиман беше доволно за цели 18 години успешно работење, се до 1974 година. 
 
Амбицијата на тимот што застана позади Витаминка придонесе за остварување и реализирање на зацртаната идеја – компанијата да го зголеми својот производен капацитет. Од фабрика за производство на мелен црвен пипер, Витаминка со новата бизнис стратегија започна да го гради својот пат кон успехот, прераснувајќи во компанија лидер во прехранбената индустрија на македонскиот пазар. Со зацврстувањето на позицијата на домашниот пазар, паралелно и интензивно растеше и присуство на странските пазари каде што моментално пласира околу 45% од своето годишно производство во околу 30 земји во светот.
 
Денес Витаминка претставува голем македонски бренд во деловниот свет и компанија зад која стојат исто така голем број познати и изградени брендови. Својата лидерска позиција на домашниот пазар ја аргументира со добро изграден корпоративен бренд кој се поистоветува со национална вредност, врвен квалитет и традиција. Под слоганот на компанијата „Свет на вкусови" се наоѓа широката палета на производи од околу 350 типови на пакувања. Тоа вклучува производство на различни вкусови (слатки, солени, кисели и лути) во форми на ужина, чоколади, десерти и бонбони, голем избор на пудинзи, пастеризирани производи, кечап, мајонез и различни сосови, вкусни супи и други додатоци за храна, како и бројни инстант производи, сирупи и филтер чаеви. Највпечатливи и најпознати брендови на Витаминка се популарните и вонвременски Стоби Флипс – идеална ужина за сите генерации во секоја пригода и во секој дел од денот, инстант витаминскиот пијалак Цевитана и Атлантис - чоколадните морски школки со уникатен и квалитетен вкус.
 
Со тек на времето низ сите овие 60 години постоење и пропратно следење на стандардите, условите и потребите, Витаминка стана една од најсилните македонски компании и преставува вистински репрезент на квалитетни прехранбени производи. Покрај позитивниот импакт во националната економија, не помалку важно е значењето на Витаминка во унапредувањето на локалната економија преку големиот број вработени и дополнителниот синџир на соработници.